Грозданова до лицата кои се вакцинирале со „АстраЗенека“: Ако почувствуваат силни главоболки или отекување на вените да се јават на лекар
01.04.2021
Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова во гостување на телевизија Телма рече дека нема простор за паника поради вакцината на АстраЗенека и дека бројот на несакани реакции е минимален.
-Воопшто нема простор за паника. Мислам дека за потврда за директна поврзаност меѓу примањето на вакцината и згрутчување на крвта на девојката која се вакцинирала во Србија ќе ја почекаме одлуката на комисијата за безбедност при МАЛМЕД. Бројот на овие несакани реакции е навистина минимален., рече Грозданова.
Претседателката на комитетот за имунизација уште еднаш го потврди позитивниот извештај од Европската медицинска агенција.
„Препораките кои вчера ги донесе работната група за вакцинација беа поттикнати од информациите од вчерашниот ден кои пристигнаа од Германија и Канада, па преземавме чекори за следење на ваквите насоки. ЕМА имаше состанок, токму поради овие наоди и повторно се утврди дека не постои индикација на згрутчување на крвта по примањето на Астра Зенека. Но, тие посочија дека ќе следат понатаму, па ќе бидеме навремено известени преку секојдневните соопштенија кои ќе пристигнуваат. Воопшто нема потреба за паника, бидејќи досегашните известувања велат дека последиците немаат корелација со оваа вакцина. Граѓаните не треба да паничат што ја примиле првата доза, но сепак постојат насоки дека доколку почуствуваат болка, главоболка, болка во пределот на амбдоменот зголемување на вените и слично, да се јават кај своите матични лекари“, истакна Грозданова.