Минималната плата зголемена за 260 денари, сега изнесува 15.194
01.04.2021
Министерството за труд и социјална политика ја објави новата минимална плата, која всушност значи зголемување од 260 денари во однос на досегашната нето-минимална плата, која изнесуваше 14.934 денари, што значи основната плата во државава не смее да биде пониска од 15.194 денари.
Според сегашниот Закон за минимална плата, таа се усогласува еднаш годишно, односно Министерството за труд и социјална политика ја објавува во март, а почнува да важи од 1 април. Нејзиното усогласување зависи од три параметри – една третина од платата се корегира со растотот на просечната бруто плата во државата, една третина со инфлацијата и една третина со растот на бруто домашниот производ.
Но, за жал, поради тоа што во 2020 година имавме годишен пад на бруто-домашниот производ од 4,5 проценти, овој пад го намали она што минималната плата од април го доби како корекција од другите два параметри – од растот на платите за 8,33 проценти во 2020 година во однос на 2019 година и од инфлацијата која на годишно ниво била 1,2 проценти.