Девет години од смртта на претседателот Трајковски и екипажот на урнатиот кингер!

Објавено: 26 февруари, 2013, во 08:04 часот

Денеска се навршуваат 9 години од смртта на претседателот Борис Трајковски, неговите соработници и членови на екипажот во урнатиот кингер во атарот на селото Хусковиќи, во близина на Мостар.

Остатоците од авионот и настраданите, кои патуваа на Меѓународна конференција во Босна и Херцеговина, беа пронајдени 24 часа по уривањето на кингерот.

Во несреќата, животот го загубија претседателот Борис Трајковски, неговите соработници од кабинетот Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска,  Миле Крстевски од министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Причините за уривањето на владиниот кингер се уште се неразјаснети. Првичната истрага водена од македонски и босански надлежни органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На почетокот на месецов, босанските власти,  отворија нова истрага откако македонски истражители во комисијата на Владата на РМ открија многу нови детали за истрагата која беше затворена како авионска несреќа поради пилотска грешка.

Новата истрага ја води босанскиот воздухопловен експерт Омер Кулиќ.

По повод годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски, делегација од Собранието на Македонија ќе положи цвеќе на неговиот гроб, а министерот за земјоделство Љупчо Димовски, ја предводи владината делегација која ќе положи цвеќе и ќе присуствува на комеморацијата во близина на Ротимље./ Б.Н.Т

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.