Поројните дождови го поплавија Струмички регион!
Објавено: 25 февруари, 2013, во 20:09 часот
Поплавени улици, дворови и обработливи површини, вака е денеска по невремето проследено со поројни дождови и силен ветар што минатата ноќ го погоди струмичкиот регион. Најголеми штети се предизвикани во населените места од излевањето на реките и неисчистените полски канали од општините Василево и Босилово, пренесува струмичкиот веб портал Југоинфо.мк.

Општина Струмица успешно се справува со последиците, но и се преземаат сите мерки за заштита од новите дождови што се најавуваат за попладнето. Уште во текот на ноќта градоначалникот Зоран Заев излезе на терен и во координација со општинскиот кризен штаб веднаш се преземени мерки за санирање на последиците. Екипи на јавното претпријатие „Комуналец“ со целокупната механизација и човечки ресурси со помош на приватните фирми и екипи на територијалната противпожарна заштита уште од ноќеска се на терен и со брзата интервенција спречија последици од пошироки размери. Во санирањето на последиците активно се вклучени и граѓаните.

Во 15 минути до еден часот веќе лично бев присутен во месноста „Софилар“ на мостот пред затворот каде што истиот беше запушен и имаше опасност од поплавување на одредени домови, штабот беше свикан веќе во еден часот по полноќ и десетина минути подоцна механизацијата веќе беше на терен и јавното претпријатие со помош на прифатните фирми успеаа да се спречат катастрофи од поголеми размери. Вистината за поплавите е следната. Градот Струмица има одредени наслаги од земја, но нема поплавени домови заради тоа што редовно се чистат отворените и затворените атмосферски канали во градот и впрочем и додека траеше бурата и после неа и во текот на денот овие канали се без вода кои што покажуваат за силниот проток на вода.

Проблемот настана со излевање на реките, речните корита и канали во целата струмичка котлина, така што последиците врз одредени села во Струмица и врз еден дел од градот се изразени од поплавување на реките во атарите на село Сушево, Владевци, Ангелци во општина Василево и надојдените води прво го поплавија селото Добрејци и дојдоа и на дел од територијата на градот Струмица каде што поплавија улици, урбана инфраструктура и дворови на некои куќи. Кај нас најголеми штети се нанесени врз плодните површини, буквално цело струмичко поле плива во вода, а вода во дворовите и во некои куќи има во селата Добрејци, Градско Балдовци, Муртино, Сачево каде буквално се е слиено со Моноспитовскиот канал. Интервенциите уште од синоќа се присутни и благодарение на приватните фирми и граѓаните, некои села се одличен пример кадешто се полнат вреќи со песок, камиони организирани од општината ги доставуваат и се прават трапови. Во моментот немаме некое загрозување на одредени имоти, но се подготвуваме за периодот кој што доаѓа, бидејќи има најави за повторување на невремето, рече градоначалникот Зоран Заев.

Инаку, поред информации од Центарот за управување со кризи досега во Струмичко наврнале 30 литри дожд на метар кавадратен. Оттаму информираат дека поголема штета на патната инфраструктура е предизвикана во општина Василево, каде се оштетени повеќе мостови и над илјада хектари се поплавени. Покрај тоа, оштетен е и мостот на Маркова Река кај селото Раборци. Поплавени се домови и подрумски простории во повеќе населени места.

Во општина Босилово најпогодени се селота Турново, Босилово,Сарај, Моноспитово и Петралинци. Според првичните проценки под вода се над 200 хектари обработливи површини засеани со есенски култури и насади под пластеници.
Поплавените региони попладнево треба да ги посети министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Текстот е на Југоинфо.мк


