Македонија фрла храна вредна 30 милиони евра годишно – земја гладна, но неодговорна!

Објавено: 30 септември, 2025, во 15:11 часот

Во Македонија секоја година се фрлаат над 15.000 тони храна, што претставува финансиска загуба од речиси 30 милиони евра. Ова алармантно ниво на отпад од храна го откри Банка за храна Македонија по повод Меѓународниот ден на свесност за фрлање храна.

Она што особено загрижува е парадоксот: земја која се наоѓа меѓу првите пет во Европа по сиромаштија, во исто време се наоѓа меѓу водечките според количината на фрлена храна. Најчесто на отпад завршуваат лебот и пекарските производи, овошјето и зеленчукот, како и сувомеснати производи и млечни производи како сирење.

Претседателот на Банка за храна, Душко Христов, истакна дека со правилно управување со вишокот храна, може да се обезбедат три оброци дневно за најмалку 26.000 луѓе. Тој апелира за системско решение и регулатива што ќе ја олесни и поттикне донацијата на вишоци.

Експертите предупредуваат дека фрлањето храна не само што има економски последици, туку и сериозно го загрозува животната средина – пред сè поради штетните гасови кои се ослободуваат при распаѓањето на отпадот.

Според нив, потребна е поголема свесност кај граѓаните, поддршка од институциите и ангажман на приватниот сектор. Само преку координиран пристап, Македонија може истовремено да го намали отпадот и да се справи со сиромаштијата – два горливи проблеми што бараат итно внимание.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.