Макрон е подготвен да им помогне на Бугарија и Македонија да постигнат договор
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази подготвеност да биде домаќин на претставниците на бугарските и македонските власти „кога ќе дојде време“ за склучување билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Скопје во ЕУ.
Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели бара решение за спорот меѓу двете земји, соопшти Елисејската палата по телефонските разговори на Макрон со бугарскиот претседател Румен Радев и северномакедонскиот премиер Димитар Ковачевски.
За време на разговорите, Емануел Макрон ја изрази својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Северна Македонија”. Макрон изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, велат од Елисејската палата.
Софија го блокира пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија од ноември 2020 година поради спорови поврзани со јазикот и историјата. Пред оваа бугарска блокада, Северна Македонија со години се соочуваше со ветото на Грција која не и го прифаќаше името Македонија, кое исто така е име на нејзината северна провинција, гледајќи го како узурпација на нејзиното историско наследство. Атина го укина ветото во 2018 година кога на името на земјата беше додадена додавката „Северна”.
Пет земји во моментов се официјално кандидати за ЕУ, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Турција. Во 2019 година, Емануел Макрон стави вето, со уште две земји-членки, на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со барање да биде усвоена нова методологија за пристапување во ЕУ.