МЕПСО: Минимални се шансите човечки фактор да го предизвика синоќешниот прекин на струја
Синоќа дојде до испад на далеководот Скопје 4 Бунарџик кај Пинтија и пожар во близина на трафостаницата. Тоа беше причина за синоќешниот прекин со снабдување со електрична енерија во поголем дел од Скопје, информира утрово директорот на АД МЕПСО, Орхан Муртезани.
Според него, покрај Скопје, синоќа без струја останале и делови од Велес и Овчеполијата.
-Диспечерите во МЕПСО веднаш излегоа на терен и за неполн час повторно дојде до снабдување со електрична енергија. Според нашите информации, минимални се шансите за човечки фактор за синоќешниот пожар. Се работи за стандарден дефект кој одвреме на време се случува, рече Муртезани за „Утрински брифинг“, додавајќи дека екипите работеле цела ноќ, по што целосно бил пуштен напон на далеководот Скопје 4 Бунарџик.
-Во моментов не постои дел од Скопје кој нема струја, потенцира директорот на МЕПСО.