МОН: Промена која носи квалитет, не смее да биде причина за бојкот на наставата

Објавено на 28 април, 2021 во 11:09

Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и кој значително ќе ја унапреди наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намали обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем, не смее да биде причина за бојкот на наставата, стои во соопштението од Министерството за образование.

-По објавувањето на информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел до нив и до нивните семејства, да продолжат да учествуваат во воспитно – образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес. Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува.

Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет,  меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците.

Истовремено, нагласуваме дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените. Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства, велат од МОН.

Денеска голем дел од учениците од средните скопски училишта „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Здравко Цветковски“  одлучија да не ги вклучат компјутерите во знак на револт поради најавениот закон за укинување на учебниците и воведување дигитални учебници.

Сподели: