Можни олабавувања на рестриктивните мерки
Вчерашната ковид-статистика покажа пад на бројот на новозаразени за три до четири процентни поени. Ако претходните денови бројот на нови случаи од вкупниот број на тестирани се движеше околу девет и 10, вчера тој процент беше 6,5. Од направени 1726 тестирања, вчера беа регистрирани 112 позитивни на коронавирусот или 6,49 отсто. Во претходното деноноќие беа регистрирани и 12 починати и оздравени 419.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави можно олабавување на мерките ако граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите. Тој рече дека очекува олабавување на рестриктивните мерки во претстојниот, зимски период, доколку граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите.
– Ако сите ги почитуваме мерките, бројките ќе паднат и ќе има можност за олабавување. Убеден сум дека ќе има олеснувања во зимскиот период ако вака се почитуваат мерките како сега, и од страна на угостителските објекти и од страна на граѓаните, но не можам да кажам дали ќе се укинат, истакна Бектеши.
Во борбата против Ковид-19, од вчера кај нас достапна е трета доза вакцина за здравствените работници, граѓаните над 60 години и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, а кај кои има поминато шест месеци од примената ревакцина.
Во текот на минатата седмица, како што се посочува, јавните здравствени организации беа информирани дека здравствените работници независно од возраста, може да примаат трета доза вакцина, во кој било од вакциналните пунктови во земјава.
Трета доза вакцина може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем „Мој Термин”. Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација, информираат од Министерството за здравство.
Досега се имаат вакцинирано над 780 илјади граѓани, а ревакцинирани се околу 715 илјади.
Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.