МСПДМ: Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари
Пензионерите во Република Северна Македонија од денеска добиваат зголемени пензии за 2500 денари. Согласно, Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското иинвалидското осигурување, околу 340.000 пензионери кои се стекнаа со правото на пензиско осигурување заклучно со 31 август, се опфатени со линеарното покачување на пензиите, соопштија од Министерство за социјална политика, демографија и млади.
„Овие законски измени предвидуваат линеарно зголемување на пензиите во м. Септември и м. Март. Поконкретно, на 1 Септември 2024 година, сите видови на пензии остварени согласно овој закон заклучно со 31 Август 2024 година, се зголемуваат за 2.500 денари и на 1 март 2025 година, сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година, се зголемуваат за 2.500 денари.
Целта на измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е обезбедување на пораст на животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за пензионерите,“ пишува во соопштението на министерството.
Од таму додаваат дека линеарното зголемување на пензиите било едно од клучните исполнети предизборни ветувања на владата, која во фокусот на своето работење го имала подобрувањето на економскиот статус на граѓаните и воопшто економската состојба на државата.
Дума.мк