МВР: Ќе се формира национален комитет за заштита на новинарите, нивната безбедност е врвен приоритет
Објавено: 30 јануари, 2026, во 13:45 часот
Од МВР соопштуваат дека во текот на 2025 година на национално ниво продолжил институционалниот ангажман во насока на унапредување на безбедноста на новинарите, со редовна комуникација и координација меѓу релевантните институции. Во текот на годината редовно се вршеа консултации насочени кон следење на пријавените случаи поврзани со закани и напади врз новинари, размена на информации меѓу надлежните институции, унапредување на соработката со новинарските здруженија и медиумските работници и друго. Активностите биле насочени кон навремено реагирање, подобрување на превентивните механизми и зајакнување на довербата меѓу новинарите и институциите. МВР во соработка со надлежните институции воспоставило јасни и функционални протоколи за постапување во случаи на напади или закани кон новинарите. Министерството за внатрешни работи во соработка со Здружението на новинарите на Македонија веќе неколку години води регистер на напади врз новинари, јавно достапен на веб-страницата на МВР. Изработен е и прирачник за безбедност на новинарите, а редовно се спроведуваат обуки и едукативни активности со цел зајакнување на превенцијата и меѓусебната соработка.
– Во врска со онлајн-вознемирувањата, особено на жените новинарки, беа преземени чекори за зголемување на свесноста за специфичните ризици со кои се соочуваат жените новинарки, особено во однос на онлајн-вознемирување и родово базирани закани, при што во Секторот за компјутерски криминал при МВР е назначена контакт-точка, со цел побрзо и поефикасно справување со ваквите случаи, односно за брзо реагирање. Новинарките може директно да се обратат или преку Здружението на новинарите на Македонија, а за секој пријавен случај веднаш се преземаат мерки за расчистување – велат од Министерството.
Од МВР информираат дека организирани се активности, средби, обуки и работилници, на кои учествувале претставници од Министерството, како и голем број медиумски работници, новинари на кои се разгледувале начините за зголемување на соработката меѓу полицијата и новинарите, градење меѓусебната доверба и разбирање, како и начинот на доставување на информациите и нивно пренесување во јавноста, особено за чувствителни теми. Во тој контекст, една од заедничките работилници била и „Етичко и родово сензитивно известување за трговија со луѓе и родово засновано насилство во институциите и медиумите“, која се одржа во Скопје.
Соработката со медиумските работници, односно новинарите, градењето сигурна и цврста меѓусебна партнерска нишка, како и нивната безбедност, за МВР е еден од врвните приоритети. Во таа насока потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинарите на Македонија, имаме одредено национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки, на кои учествуваат полициски службеници и новинари. Ценат дека соработката е на највисоко ниво, а заеднички се изработени и прирачници за справување со можните предизвици во врска со безбедноста на новинарите.
Дума.мк

