Над 10 илјади активни случаи на Ковид-19

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 193.458, бројката на оздравени пациенти е 175.881, на починати е 6.758, а бројот на активни случаи изнесува 10.819.
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 3.845 дози вакцини, од кои 958 се аплицирани како прва доза, 2.813 се ревакцинирани, а 74 граѓани примиле трета доза вакцина, информираше Министерството за здравство.
По вчерашниот ден, според пресекот направен од МЗ, вкупно се вакцинирани 792.174 граѓани од кои ревакцинирани се 740.822. Откако е достапна и трета доза, заклучно со вчерашниот ден неа ја примиле 499 граѓани.
Најголем број активни случаи има во Скопје и тоа 5.217, а потоа следуваат Куманово со 961 и Тетово со 836. По четири активни случаи има во Демир Капија и Пехчево, а само еден во Дојран.
Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, соопшти вчера Министерството за образование и наука.
Со одлука на Владата училиштата одржуваат онлајн-настава за оние ученици за кои родителите ќе го побараат тоа од медицински и од немедицински причини. МОН очекува дека со континуираната имунизација ќе се обезбеди дополнителна сигурност и услови за продолжување на наставата со физичко присуство.
Од понеделник треба да почне и најавениот скрининг на околу 8.200 ученици во основните и средните училишта со цел да се добие податок дали има трансмисија на вирусот во училиштата. Тестирањето за присуство на Ковид-19 со земање брис ќе биде по случаен избор на учениците од регистарот на Е-дневник и со согласност на нивните родители.
