Обилните врнежи дожд продолжуваат, во недела снег и под 1000 метри
Објавено: 27 ноември, 2025, во 08:39 часот
„Под влијание на циклонска активност со центар над Медитеранот и на поладен воздух од север до недела, 30 Ноември, во Македонија времето ќе биде облачно и релативно ладно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат обилни и поројни и со услови за локална појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен а повремено засилен ветер од северен правец. На планините над 1500 метри надморска височина врнежите ќе бидат од снег и токму на овие места ќе се формира снежна покривка.
И во Скопје и околината продолжува облачното и врнежливо време со повремено обилни врнежи од дожд и со повремено засилен ветер од северен правец.
Локално до недела повторно ќе наврне големо количество на воден талог (нови над 50 литри дожд). Токму поради ова апелирам возачите да внимаваат како управуваат со своите возила и да не се движат покрај водотеците поради опасноста од ново зголемување на нивоата на реките и на езерата како и нови поплавувања.
Поради понатамошно спуштање на ладен воздух од север за време на викендот, особено во недела на 30 ноември, врнежи од снег ќе има и на места под 1000 метри надморска височина. Викендов и на околните планини во Скопје ќе има повремени врнежи од снег а можност за провејување на снег ќе има и во повисоките предели од котлината.
Температурите особено викендов значително ќе се намалат и ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 11 степени додека во Скопје и околината температурата ќе се искачува до околу 7 степени,“ соопшти метео прогнозер Славчо Поповски.
Дума.мк


