Одржана комеморација за Симон Илиевски, еден од доајените на охридското новинарство
Комеморација за еден од доајените на охридското новинарство, Симон Илиевски, се одржа денес во големата сала на Општина Охрид во организација на Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид и Струга. Последен поздрав на Илиевски му оддадоа неговите колеги, соработници, членови на семејството, како и претставници и вработени во Општина Охрид, каде Илиевски го заврши работниот век.
Симон Илиевски беше Новинар, еден од оние, малкуте, со големо Н, вистински вљубеник во професијата која ја работеше со страст, рече новинарот и претседател на Здружението на новинари – Регионална канцеларија Охрид и Струга, Горан Момироски.
-Човек кој во себе имаше љубов и разбирање за сите, дури и за тие кои не го почитуваа, кои не штедеа „зборови“ за новинариштето кое се дрзнало да напише нешто некаде за нивните недела, да им го расипе есапот демек. Ги разбираше и нив, и тоа многу, ама таквите никогаш не го поколебаа. Беше омилен лик помеѓу новинарите, секогаш духовит и ведар и исклучително почитуван од колегите, несебично пренесувајќи го своето богато искуство на помладите. Професионалец посветен на јавниот интерес, а без интерес, до даска. Еден од ретките со остро новинарско перо. Симон не пишуваше, везеше. Секогаш беше на страна на вистината, на страна на немоќните, оштетените, на страна на граѓанинот, на јавниот интерес, додаде Момироски.
За Симе можам да зборувам со часови и денови, рече неговиот долгогодишен колега, новинар и директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Милчо Јованоски, додавајќи дека од мигот кога вчера ја слушнал кобната вест се потсетил на многу нешта, меѓу кои и денот кога за првпат се запознале во Скопје во „Студенски збор“, па се до доаѓањето во Радио Охрид,
-Четири децении да се биде со еден човек многу блиску, значат и многу емоции меѓусебно кои сме ги дале. На нас радио новинарите обично ни велат влегувајте, денес немам ни јас текст пред себе, а Симе исто така знаеше толку многу магично да застане пред микрофонот, да води емисија, да го има концептот во главата. Тоа е можеби нашата генерациска школа од Радио Охрид. Симе беше поборник за искреност во новинарството, за вистината на виделина. Човекот пишуваше секогаш и понекогаш си велев како може така одеднаш да напише текст за неколку минути. Тоа беше негова одлика. Можам уште долго да зборувам за неговите квалитети како човек, за тоа што ни го пружи како уредник. Симе беше едноставен скромен, ненаметлив, рече Јованоски.
Томе Џамтоски, новинар, вработен во Одделението за односи со јавност при Општина Охрид, истакна дека две особини го краселе Симе, неговата ненаметлива добродушност и неговата нелутина.
-Никогаш со ниеден збор несакаше да се стави себе си пред другите, иако го заслужуваше тоа, со годините, со искуството, со знаењето. Неговата добродушност се состоеше во тоа што нашата работа знаевме многу често да ја префрлиме на бате Симе. И тој карактеристично ќе се навалеше на една страна и ќе речеше „Ај добро“ со една блага насмевка и ќе ја завршеше и нашата работа. Верувајте во последните единаесет и пол години колку што работевме заедно, ниеден колега во нашата канцеларија не го видел Симе налутен. Лутината на Симе држеше една цигара пауза, рече Џамтоски.
Илиевски го напушти овој свет по кратко боледување, во 66-та година од животот. Беше еден од доајените на охридското новинарство, со плодна професионална кариера. Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и тв прилози, документарни и и други емисии.
Кариерата ја почнал во средношколските денови пишувајќи во гимназискиот весник „Јужен бран“. По завршување на студиите по новинарство во Скопје, пишувал за „Студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и за весникот Младост, а кратко соработува и со Македонската радио телевизија. Дописник бил на радио „Београд 202“, подоцна за „Студио Б“, а текстови објавувал и во познатите весници од времето на поранешна Југославија „Борба“, „Политика“ и„НИН“, а кратко соработувал и со државната агенција Танјуг.
Соработувал и со повеќе радија, а најголем печат остави во Радио Охрид, каде беше новинар долги години. По осамостојувањето на Македонија работеше во локалните телевизии АТВ од Струга, охридските ТВМ и НТВ, а беше дописник на „Утрински весник“ од основањето и на телевизијата Канал 5.
Симон Илиевски беше претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна со работа во службата за односи со јавност во Општина Охрид.
Дума.мк