Пендаровски оствари средба со Нико Пелеши, министер за одбрана на Република Албанија
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Нико Пелеши, министер за одбрана на Република Албанија, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, која сега е на задоволително ниво, при што беше изразено очекување за јакнење на оваа соработка, преку отворен и конструктивен дијалог за прашањата од заемен интерес.
Во контекст на соработката во НАТО како две полноправни членки и соседи, соговорниците констатираа дека усогласувањето на ставовите меѓу двете држави е добро и изразија очекување тоа да продолжи и во иднина.
На средбата стана збор и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на Северна Македонија и Албанија и беа разменети мислења и информации за очекувањата во двете држави во пресрет на состаноците на Европската Унија до крајот на оваа година.
Претседателот Пендаровски и министерот Пелеши се осврнаа и на соработката во рамките на регионалните иницијативи, во насока на промовирање и унапредување на регионалната стабилност и безбедност.