Почина Панчо од ДНК – пожарот во дискотеката „Пулс“ зема уште еден живот

По речиси седум месеци поминати на лекување во болница почина Владимир Блажев-Панчо од ДНК, потврдија од приватната болница. Панчо изминатиот период го помина на лекување и се бореше со тешки изгореници на лицето и рацете кои ги здоби во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Првично во пожарот загинаа 62 лица.
Панчо зад себе остави два сина, Андреја и Марјан.
Со неговото заминување, македонската музика изгуби еден од своите најавтентични и најпознати артисти. Повеќе од две децении, Панчо заедно со Андреј, го создаде едно од највлијателните дуоа во современата македонска сцена – ДНК. Нивните песни како „Некогаш ќе помине“, „Горе доле“, „Црно на бело“ и многу други остануваат вечен спомен на нивната искреност, емоција и посветеност кон музиката.
Неговата харизма, топлина и човечност ќе останат запаметени не само меѓу колегите, туку и меѓу илјадниците фанови кои со години ги следеа неговите настапи.
Македонија денес тагува за еден голем уметник, човек со големо срце и душа што ја полнеше секоја сцена.
Панчо и Андреј беа големи хуманитарци коишто низ годините помагаа на голем број семејства и лица.
Во пожарот првично настрадаа клавијатуристот Филип Стевановски, беквокалистката Сара Пројковска, тапанарите Георги Георгиев Александар Коларов, како и фотографот на групата Александар Ефремов.
Дума.мк
