Поповски: Бидете крајно внимателни, доаѓаат невреме, громови и појава на град!

„Под влијание на фронтално пореметување, односно атмосферски фронт со поладен воздух на висина којшто ќе биде присутен над нашиот дел од Европа, во Македонија следува постепена дестабилизација на Атмосферата, па така локално, особено во попладневните и во раните вечерни часови ќе се развиваат конвективни грмотевични облачни јадра од кои очекувам појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер во зоната на нестабилност,“ гласи временската прогноза на метео прогнозерот Славчо Поповски.
Тој додава дека поради загреаната атмосфера која е исполнета со енергија, локално, Атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со електрични празнења, силен ветер и со појава на град, кој во ваква ситуација би можел да биде покрупен.
И во делови од Скопскиот регион во попладневните и во раните вечерни часови во следниот период можна е појава на локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме. Што се однесува до температурите, тие остануваат без поголеми промени и нема да бидат премногу високи и тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 34/35 степени. Во Скопскиот регион температурата ќе се искачи до околу 34/35 степени.
„Апелирам, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, во следниот период да се обрне поголема внимателност, односно, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, граѓаните своите автомобили да ги заштитат, односно да не ги оставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се постари и осамени.
Граѓаните на следниот линк можат да ја следат алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој од нив https://nothas.finki.ukim.mk/,“ додава Поповски.
Дума.мк
