Поповски: Циклон од Џенова ни носи многу врнежи и големо заладување

Објавено: 24 септември, 2025, во 08:44 часот

„Под влијание на циклонска активност со центар над Џенова, во петок, 26 септември, како и за време на викендот, но и во почетокот на следната седмица времето во Македонија ќе биде претежно облачно, многу посвежо со врнежи од дожд кои на повеќе места ќе бидат обилни и поројни и проследени со локална појава на грмежи.

Ќе дува умерен, а особено долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во Скопје  и околината времето ќе биде претежно облачно и многу посвежо со врнежи од дожд, повремено обилни и поројни и проследени со ретки грмежи. И во Скопскиот регион ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Локално за време на овој период ќе наврне позначително количество на воден талог, над 30 литри на метар квадратен дожд. Токму ова ќе придонесе за намалување на интензитетот на сушата која подолго време ја има во најголем дел од Македонија.

Поради продор на многу поладен воздух од североисток и од исток температурите во погоре споменатиот период ќе бидат пониски и за повеќе од 10 степени од моменталните. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот само од 13 до 20 степени. Во Скопје  и околината максималната дневна температура на воздухот ќе се искачува до околу 16/17 степени.

Наутро пак температурите ќе се спуштаат во интервалот од 6 до 14 степени.

Поради заладувањето, не се исклучува можноста на највисоките планински врвови во Македонија, над 2000 метри надморска височина, да падне првиот снег.

Од викендов ќе имаме вистинско есенско време, многу свежо и со чести и обилни врнежи кои како што кажав ќе придонесат значително намалување на сушата во Македонија. Температурите кои ќе ги имаме викендов и во почетокот на следната седмица ќе бидат значително потпросечни за крајот на месец септември,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.