Поповски: Циклон од Џенова носи вистинска есен во Македонија со многу дожд и ладно време
Објавено: 25 септември, 2025, во 08:37 часот
„Под влијание на циклонска активност со центар над Џенова, во Македонија следува променливо време со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат обилни и поројни како и проследени со локална појава на грмежи. Повеќе врнежи ќе имаме за време на викендот како и во почетокот на следната седмица кога во исто време од исток и од североисток кон Македонија ќе продира значително поладен воздух кој ќе ги спушти температурите и за повеќе од 10 степени во споредба со сегашните.
И во Скопје и околината исто така особено во петок, како и за време на викендот и во почетокот на следната седмица, ќе има повремени врнежи од дожд кои повремено ќе бидат обилни и поројни. За време на овој период ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец, најизразен долж Повардарието.
За време на оваа серија на влажни воздушни бранови поврзани со циклонот од Џенова, локално ќе наврне позначително количество на воден талог (над 25/30 литри дожд на метар квадратен. Температурите особено од викендот како и во текот на следната седмица ќе бидат потпросечни за самиот крај на септември и за почетокот на октомври и тие ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 20 степени.
Наутро пак температурите ќе се спуштаат во интервалот од 5 до 14 степени.
Да напоменам дека викендов како и во текот на следната седмица не се исклучува можноста на највисоките планински места во Македонија (над 2000 метри надморска височина) да ги имаме и првите врнежи од снег за оваа сезона.
Се на се, вистинската есен доаѓа во нашата Македонија која ќе ни донесе многу пониски температури на воздухот и чести, повремено и обилни врнежи од дожд,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


