Поповски: Краткотраен топол бран од Африка ни носи засилен ветер и прашина од Сахара!
Објавено: 20 август, 2025, во 08:24 часот
Под влијание на стабилна, сува и топла воздушна маса од југ, односно од Африка, до петок, 22 август времето во Македонија ќе биде сончево и значително топло со појава на мала локална облачност а ќе дува и умерен до засилен ветер од јужен и од југозападен правец додека во петок претежно од западен правец.
„Во петок ќе има и појава на умерена локална облачност како и услови за појава на локален краткотраен дожд. Што се однесува до температурите тие ќе се искачуваат во интервалот од 30 до 38 степени, во Скопје максималната температура ќе се искачува во интервалот помеѓу 34 и 37 степени.
Поради јужното и југозападното воздушно струење, во петок над нашата држава ќе биде присутна Сахарска прашина и песок, со што атмосферата ќе биде заматена, а времето ќе биде мачно и спарно.
За време на викендот,сабота 23 и недела 24 август, поради продор на посвежа воздушна маса од север, температурите значително ќе се намалат а ќе дува и повремено засилен ветер од северен правец, најизразен долж Повардарието. Исто така за време на викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд,“ гласи временската прогноза на метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


