Поповски: Многу свежо утро во Македонија, доаѓа зимски ладен бран на Балканот со снег!
Објавено: 29 септември, 2025, во 08:24 часот
Во овие утрински часови времето во Македонија е значително свежо и претежно облачно а локално се забележуваат и повремени послаби врнежи од дожд. Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврна во Крива Паланка, 14 литри на метар квадратен дожд.
Најсвежо утрово е во Лазарополе со измерени 6 степени.

„Во четврток и во петок, 2 и 3 октомври, Македонија но и целиот регион ќе биде зафатен од зимски ладен бран од исток и од североисток, односно од Русија. Ќе дојде до формирање на секундарен циклон над Медитеранот и тој ќе услови да имаме многу обилни врнежи од дожд кои полека ќе преминуваат во снег на повисоките места и на планините каде ќе дојде до формирање на првата посериозна снежна покривка за оваа сезона.
Според она што можам да го кажам во моментов и според најновите излези на прогностичките материјали, на 2 и на 3 октомври снежната граница во нашата Македонија ќе се спушти дури и на помала надморска височина (локално под 1000 метри).
Снег на 2 и на 3 октомври можеме да очекуваме и во повисоките населени места, па дури и во дел од градовите во западните и во северните предели на државата.
Следува целосна и детална метео анализа токму околу овој зимски бран во првите денови од месец октомври,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


