Приштина бара дополнителни војници на НАТО во Косово

Објавено на 1 април, 2022 во 14:08

Косовската претседателка Вјоса Османи побара од американскиот претседател Џо Бајден да го искористи влијанието на Вашингтон за да му помогне на Косово да влезе во НАТО.

Во писмо испратено до Бајден покрај барањата на Приштина за побрз влез во Алијансата, косовската претседателка осврнувајќи се на случувањата со руската инвазија на Украина, вели дека дополнителни трупи на НАТО во земјата би ја подобриле националната безбедност.

„Изложени сме на постојаните напори на Русија да го поткопа Косово и да го дестабилизира целиот Западен Балкан“, напиша косовскиот претседател во писмото испратено до американскиот претседател неодамна.

Инаку, во годишниот извештај на генералниот секретар на НАТО се наведува дека на Косово има 3.770 војници на НАТО.

Според официјалните податоци на КФОР, Италија е земја-членка со најмногу војници во Косово (638). По Италија доаѓаат САД, со 635 војници.

Ројтерс оценува дека процесот на приклучување на Косово во алијансата во моментов може да биде комплициран, со оглед на тоа што четирите членки на НАТО – Романија, Шпанија, Грција и Словачка – не ја признаваат независноста на Косово.

Војници од 28 земји членки на Северноатлантската алијанса, се распоредени во Косово во рамките на мировната мисија.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.