Радев со порaка: Европскиот пат нa С.Македонија поминува преку Софија

Објавено на 25 мај, 2021 во 09:49

Премиерот Зоран Заев повтори дека португалскиот предлог е добра основа за решение на проблемот. Вели, португалското претседателство водело сметка за интересите и на двете страни додавајќи дека очекува час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет.

„Очекувам помеѓу нашиот претседател Пендаровски и бугарскиот претседател Радев да се изнајде некој исчекор во поглед на надминување на овој проблем кој што дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан но и нашите европски перспективи. Верувам дека европскиот дух кој што и претседателот Радев го негува но и нашиот претседател ќе им бидат доволен импетус помеѓу двајцата да направиме еден исчекор и да продолжиме понатаму“, истакна Зоран Заев.

Бугарскиот претседател, Румен Радев, вели дека заедничката посета на Рим ја покажува политичката волја на Бугарија да гради добрососедски односи. Призна дека трпи притисок од Брисел но уште еднаш потенцираше дека за Македонија, патот до Европската Унија води преку Софија.

„Одеднаш станав многу интерес за сите европски лидери. На ден имаме покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден еврокомесар. Така што кон Бугарија има големо внимание, нема да го кажам зборот притисок. Најважното е што Бугарија, како одговорен член на Европската унија да не дозволува во унијата да бидат внесени нови проблеми. Мислам дека начинот на решавање на сите проблеми, начинот на отворање на европскиот пат на нашите браќа од Република Северна Македонија поминува пред се, преку Софија“, вели Румен Радев.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот претседаел Румен Радев заедно ќе го чествуваат денот на Свети Кирил и Методиј во Рим. Според најавите, тие со авионот на бугарскиот претседател заедно ќе отпатуваат во Рим, каде на 26 мај е планирано македонската и бугарската делегација да ги започнат заедничките активности за прославата.

Според најавите,Радев прво треба да допатува во Скопје и по куса средба со македонскиот претседател на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим. На 27 мај Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј.

Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.