Расте бројот на ковид-случаи во Србија

Објавено на 9 август, 2022 во 10:24

Состојбата со коронавирусот во Србија е неизвесна, а бројот на заразени ќе продолжи да расте во следните седум до десет дена, изјави епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ и посочи дека бројката од околу 6.000 заразени на дневна основа е далеку повисока, можеби дури и петпати повисока, затоа што не тестираат сите што се заразени.

Според денешните податоци на Министерството за здравство, од 16.885 тестирани лица, 6.498 се позитивни, а починале 14 лица или вкупно во Србија од коронавирус се починати 16.370 лица.

Тиодоровиќ изјави дека во наредниот период бројот на заболени ќе варира, но ќе биде поголем од претходно, а и кога ќе се стабилизира ќе биде на ниво од неколку илјади заболени.

Тој посочи дека е загрижен што во моментов се зголемува бројот на пациенти на респиратори и бројот на смртни случаи.

– Во 90 отсто од случаите, лицата над 85 години и до 95 години имаат тешка клиничка слика, како и хроничните пациенти, меѓу кои доминираат, со дури две третини или повеќе, невакцинирани или нецелосно вакцинирани лица, рече Тиодоровиќ.

Тој потсети дека пред месец и половина имаше препорака лицата постари од 65 години, како и ризичните групи, да ја примаат четвртата доза од вакцината, бидејќи ќе бидат изложени на ризик, без разлика што новиот вид е многу полесни од делта сојот.

Тиодоровиќ наведе дека сега се присутни соевите БA4 и БA5, а најверојатно е присутен и новиот вид БA2.75, популарно наречен Кентаур, иако се уште не е официјално потврден.

Тој нагласи дека медицината предупредила дека младите со силен имунитет и вакцинираните ќе поминат добро кога станува збор за новите соеви, но дека на ризик се изложени постарите и тешко хроничните пациенти, што, за жал, сега се покажува како точно.

– Сите што доаѓаат од Грција, Црна Гора и Хрватска, најголем процент, дури и цели семејства се позитивни, ако немаат тешки симптоми не одат на лекар, но ако имаат, тогаш се јавуваат за преглед. Препорачуваме сите кои имаат некакви симптоми да се тестираат и да проверат дали се позитивни, рече Тиодоровиќ.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.