Речиси 2000 прекршоци во три дена: Засилените сообраќајни контроли открија голем број неправилности
Објавено: 31 јули, 2025, во 13:06 часот
Во текот на тридневните засилени сообраќајни контроли, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи низ државата изрекоа вкупно 1937 платни налози за различни прекршоци, главно согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а дел и по основ на Законот за возила.
Најголем дел од санкциите се однесуваат на неприлагодена брзина на движење, за што биле изречени 447 казни. Следуваат 519 казни за неправилно паркирање, како и 186 случаи на отстранување учесници од сообраќајот поради непоседување возачка дозвола.
Полицијата санкционирала и 115 лица поради некористење сигурносен појас, 117 возачи за користење мобилен телефон при управување возило, како и 99 прекршоци за неносење заштитен шлем. Забележани се и 19 случаи на минување на црвено светло, а 21 казна е изречена на пешаци за непочитување на сообраќајните правила.
Дополнително, 19 возачи биле исклучени од сообраќај поради управување под дејство на алкохол над дозволената граница.
Согласно Законот за возила, регистрирани се и 8 прекршоци за технички неисправни возила, како и 53 прекршоци за нерегистрирани возила.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, со цел унапредување на безбедноста на патиштата. Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да придонесат за побезбедна сообраќајна средина.
Дума.мк
