Шеснаесет години од смртта на Тоше Проески

Објавено на 16 октомври, 2023 во 10:10

Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден, пред шеснаесет години, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

На 14 октомври деветмина ултра маратонци тргнаа од Нова Градишка на традиционалниот 16-ти по ред маратон долг 900 километри и во чест на Проески, во присуство на амбасадорот на Република Македонија Милаим Фетаи, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, заменик градоначалникот на Нова Градишка Борислав Видишиќ, претставници на Туристичката заедница на Нова Градишка и докторката Тереза Гргиќ, која тоа кобно утро на 16 октомври го прими телото на Тоше Проески во Болницата во Нова Градишка.

Toше направи она што ретко кој друг на овие простори успеа да го направи, со неговите песни го обедини Балканот како ретко кој друг и беше најголемиот амбасадор на македонскиот јазик. Неговиот лик и дело засекогаш ќе останат запаметени како дела на голем музичар, хуманитарен и морален идол на младите.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007 година.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.