Спасовски: Денот на полицијата претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста

„Овој ден, Ден на полицијата, кој од срце ви го честитам, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот. Карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа“, вели Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод по повод Денот на полицијата – 7 Мај.
„Пожртвуваност, затоа што полициските службеници се обврзуваат да ги ставаат безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените. Бидејќи секогаш треба да се во првите редови за подобар, посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на РМ, чувари на јавниот ред и мир и градењето на државата.
Особено во текот на изминатава година, ситуацијата дополнително беше комплицирана поради пандемијата со која се соочи светот. Должноста за заштита на здравјето, животот и имотот на нашите граѓани стана непроменлив указ за полициските службеници. Одговорност, затоа што во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите. Нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок!
А јас цврсто верувам дека нашата цел е на дофат на раката со воспоставување на концептот на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата. Оваа меѓусебна врска ќе стане уште посилна со континуирано зајакнување системот на соработка со граѓаните, со цел идентификување, демистифицирање, спречување. Односно превенирање на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет, додаде Спасовски.
Храброста
Уште кога ја облековте оваа униформа, со првите ризични ситуации со кои се соочивте, бевте свесни дека ништо нема да сторите без оваа доблест. Исто како што знаевте дека храброста, покрај чесноста, е најголемиот квалитет на умот. На овој посебен ден не може да не помислиме на оние наши колеги, на оние храбри срца што ги нема денеска во нашите редови. Нивната храброст и нивната жртва никогаш нема да бидат заборавени, а она што ни го оставија во наследство и споменот за нив, претставуваат инспирација за секој граѓанин. За нашите млади колеги кои за првпат ќе ја облечат работната униформа. Инспирација за иднината на нашата земја – за нашите деца.
Моралот
Да се биде полицаец е да се обавува високоморална професија. Вие сте првиот пријател кој е најбаран во незгода или во тешка ситуација. Вие сте тие кои создаваат чувство на доверба, на сигурност кај граѓанинот, заштитници на нивните права, интереси и слободи.
Тоа ви ја дава моќта, но од вас бара со беспрекорна присебност понекогаш и да се надминете себеси. Токму тоа е причината што имаме толку високи барања кон работата на секој одделен полициски службеник, што инсистираме на одржување на дисциплината и на вашата подготвеност на високо ниво“, вели Спасовски во својата честитка.
Според него, ефикасноста на вашата работа се мери преку конкретни резултати како што се борбата против криминалот. Во голема мерка, почитта и довербата на граѓаните, како и целокупната атмосфера во нашата земја.
