Судијката Поп Стефанија одби мерки на претпазливост за Јанкулоска
Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Александра Поп – Стефанија одби да изрече мерка на претпазливост на екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска, која е осомничена во случајот за незаконското уништување на опрема за прислушување познат како „Тврдина“ кој го отвори Специјалното обвинителство (СЈО), пишува Нова ТВ.
Предлозите на СЈО се одбиени како неосновани, а во образложението на судијката се вели дека осомничената дала исказ дека уредно ќе се јавува на поканите од Судот.
Во врска со поднесениот предлог за определување мерки на претпазловост, судијата на претходна постапка ги испита странките во постапката и бранителот, па притоа осомничената наведе дека предлогот за определување мерки на претпазливост е неоснован со оглед дека го нема сторено кривичното дело за кое се товарела, а предметот и бил познат на јавноста подолго време и објавен јавно од страна на обвинителството пред речиси три месеци па доколку имала намера да ја напушти земјата тоа можела до сега да го стори, дека на сите покани на судот уредно се јавува а од страна на обвинителството не бил направен обид да ја повикаат, дека за водењето на постапки против неа дознава од медиумите, дека има и понатаму намера уредно да се јавува на поканите на судот како и до сега, дека по однос на една друга постапка иницирана од СЈО за која дознала од медиумите во моментот кога го презентирале случајот на нивните прес конференции била надвор од државата и кога слушнала дека е отворена постапка се вратила назад пред рокот кој и бил предвиден за враќање заради што ја променила авионската карта, дека во нејзин интерес било да биде присутна во текот на постапката и дека предложените мерки се непотребни, се вели во образложението.
Во однос на останатите осомничени од Судот вела дека по барањето на СЈО за иземање на судијата од предметот при одлучување за Јанкуловска, постапката била прекината и за останатите осомничени, па затоа и до нив испратени се покани дополнително да се јават кај судијата на претходна постапка за да се произнесат за предложените мерки.
СЈО претходно бараше изземање на Поп Стефанија од случајот „Тврдина“ поради партиските врски на нејзиниот сопруг со ВМРО ДПМНЕ, но Апелациониот суд ја одби жалбата како неоснована по што Поп Стефанија остана да го води предметот.
Минатиот месец СДСМ поднесе кривична пријава против истата судијка за несовесно и нестручно работење, а таква пријава доби и претседателот на судот Владимир Панчевски. Тие тврдеа дека тој ја вработил Поп Стефанија спротивно на законите. Судскиот совет неа ја распределил во судот за прекршоци во Скопје, а Панчевски без одлука на Советот ја вработил во Кривичниот суд.
Во случајот Тврдина, СЈО ги товари двајца началници од одделот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска дека во март минатата година ја искористиле својата полoжба и ги пречекориле овластувањата со тоа што организирале и спроведеле уништување на два система за следење на комуникациите.
За началникот Горан Грујовски, СЈО бараше судот да му додели мерка притвор, но тој доби куќен притвор и по неколку дена беше ослободен по одлуката за аболиција, додека за останатите четворица осомничени, меѓу кои и Јанкуловска, СЈО бара мерки за претпазливост.
На последниот распит пред судија на претходна постапка Јакуловска изјави дека е сосема спокојна, оти немала направено никакви кривични дела.
Извор: Нова ТВ