Трагедија во Тетово: Изгоре Модуларната ковид болница и зеде многу човечки животи

Трагедија вчеравечер се случи во тетовскиот ковид-центар, каде во пожар загинаа повеќе лица.
Сведоци на настанот велат дека има повеќе повредени и починати лица, но тоа засега се уште не официјално потврдено.
Повеќе од 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила за речиси половина час го изгаснаа пожарот .Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.
-Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме, евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва онде што седи, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски
Министерот за здравство Венко Филипче пред полноќ соопшти дека е потврдено дека десет лица ги загубиле своите животи во пожарот што вечерва целосно ја изгоре модуларната болница во Тетово. Можно е да има и повеќе загинати, но засега официјално не може да биде потврдено. Ова е многу тажен ден, вели Филипче преку Твитер. Дека има голем број на починати потврди и премиерот Зоран Заев во објава на фејсбук. Во моментов се очекува некој да даде изјава и да ги соопшти црните податоци за вечерашнава несреќа.
„Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме. Изразувам сочувство до семејствата“, соопшти Филипче.

Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил напиша:
„Огромна трагедија се случи во тетовскиот ковид-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе.“
Градоначалничката на Тетово , Теута Арифи по состанокот на кризниот штаб изјави дека нема да се даваат изјави , ниту детали за трагедијата , се додека не се добијат попрецизни информации по завршувањето на истрагата.
Од Основното јавно обвинителство Тетово излезени се јавни обвинители на терен, и вршат увид во изгорената ковид болница во која засега има десет жртви.
Тројца јавни обвинители се од ОЈО Тетово, додека на нив им се приклучиле уште двајца од скопското обвинителство, јавуваат од Обвинителството.
„Во увидот се вклучени тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Тетово, на кои им се придружија уште двајца јавни обвинители од скопското јавно обвинителство. Тимот од петмина обвинители, заедно со екипи од надлежните институции, ги преземаат сите дејствија во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар“, велат од Јавното обвинителство.
