Уапсени шест македонски и косовски државјани кои фалсификувале 85.000 евра во монети
Специјалното обвинителство на Косово, косовската полиција и тамошната Дирекција за истрага на економски криминал и корупција спровеле акција при која била идентификувана група која се занимавала со производство и дистрибуција, како и внесување фалсификувани пари на пазарот, за кои постои сомневање дека се произведувале во соседна земја со Косово, а потоа од криминални групи биле дистрибуирани во земјите од регионот.
Во објава на Фејсбук, Специјалното обвинителство на Косово наведува дека во акцијата се уапсени шестмина осомничени, за кривично дело „Фалсификување пари и производство и промет“. Како што се додава, станува збор за монети од две евра.
Тројца од осомничените се државјани на Македонија, додека тројца се државјани на Косово.
Како резултат на оваа акција, запленети се кеси со метални монети од две евра во вредност од 85.010,00 евра, за кои постои сомнение дека се фалсификувани. Исто така, одземени се четири автомобили што ги користеле уапсените и седум мобилни телефони.
На уапсените со решение на државниот обвинител им е одредена мерка притвор во траење од 48 часа, а во законските рокови ќе биде поднесено барање за определување мерка притвор.
Дума.мк