Уписот во средните училишта почнува на 14 јуни
Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација, соопштија МОН.
-Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат. Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот.
Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта. Вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.
Фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината.
Во изминатиот период Министерството за образование во соработка и со поддршка од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ и Швајцарската агенција за развој и соработка ја реализираа кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Кампањата се реализираше преку две фази.
Во рамки на првата фаза преку 19 настани се водеше интензивен дијалог помеѓу МОН, локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата со цел идентификување на потребите од отворање на одредени профили и паралелки во секоја од општините, согласно состојбите на локалниот пазар на работна сила, при што, всушност се креираше уписна политика која им одговара на сите, а најмногу ќе придонесе за намалување на младинската невработеност и за развој на економијата во државата.
Во втората фаза пак, училиштата ги презентираа пред идните средношколци сите новини, придобивки и можности кои ги нуди стручното образование, особено дуалното образование кое се воведува во најголем дел од училиштата.
Преку дијалог се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница.
Во меѓувреме МОН креираше целосно нова политика на стипендирање на средношколците, согласно која, за новата учебна година предвидени се 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование. Додека, 200 стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка. Ова е одличен мотив за учениците, додека се едуцираат, истовремено и да остваруваат дополнителен приход, соопштија од МОН.