Велика Британија се соочува со инфлација најголема во последните 30 години

Растот на цените на горивата и на храната во Велика Британија доведе до рекордна инфлација во земјата, највисока за последните три децении.
Според податоците на Канцеларијата за национална статистика, потрошувачкиот индекс односно инфлацијата минатиот месец достигнала дури неверојатни седум отсто, наспроти 6,2% колку што беше во февруари годинава. Тоа според британските медиуми е рекордно висока стапка на инфлацијата не забележана дури од март 1992 година кога таа изнесувала 7,1 отсто.
Во исто време Велика Британија во моментов се соочува со можност за најголем пад на животниот стандард од средината на 1950-тите години, бидејќи зголемувањето на трошоците за енергија како и на цените на храната и даноците го неутрализираат растот на платите во земјата.
Луѓето ширум светот се под притисок поради инфлацијата бидејќи побарувачката брзо се опорави од пандемијата на коронавирусот, додека руската инвазија на Украина дополнително ги зголеми цените на енергентите и доведе до прекини во синџирите на снабдување.
Слично како и В.Британија и САД бележаат пораст на инфлацијата годинава во земјата најголема во последните 40 години. Инфлацијата во март оваа година скокна за 8,5 отсто споредбено со истиот месец во 2021 година, што е најголем таков пораст во САД од декември 1981 година, забележуваат медиумите.
Државите на различни начини се обидуваат да ги ублажат тешкотиите за граѓаните поради поскапувањето на храната, горивото и другите стоки.
Банката на Англија трипати ја зголеми референтната каматна стапка од декември, додека американската централна банка ја зголеми минатиот месец. Се очекува американската централна банка да продолжи да ја зголемува референтната каматна стапка.
Европската централна банка во пак го забрза излегувањето од програмата за економски стимулации во борбата против инфлацијата, но не презеде подрастични чекори.
