(ВИДЕО) Заев: Европските лидери добро ја разбираат нашата порака – Македонскиот идентитет не е за преговори
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев ги сумираше резултатите од средбите на нашата владина делегацијата во изјава за медиумите.
„Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина“, изјави Заев по средбите.