Заев заминува од премиерската функција
Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати, напиша премиерот Зоран Заев во својата оставка.
-Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата.Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја, пишува Заев.
Оставка спикерот Џафери ќе ја констатира пред почетокот на денешната седница на која треба да се поставуваат пратенички прашања, но седницата според најавите нема да се одржи бидејќи со оставката на Заев во оставка е целата Влада.
Од денеска почнуваат да течат уставните рокови, според кои шефот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатар ќе биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.