Зеленски повика на протести ширум светот против руската инвазија

Објавено на 24 март, 2022 во 10:41

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата навечер ги повика граѓаните ширум светот да излезат на улиците за да протестираат против руската инвазија на неговата земја.

„Излезете со украински симболи за да ја одбраните Украина, да ја браниме слободата, да го браниме животот“, рече Зеленски во видео пораката на англиски јазик.

„Најдете се на плоштадите, на улицата, покажете се и дозволете да бидете слушнати!

Во говорот во пресрет на 24 март, еден месец по почетокот на руската инвазија, Зеленски го повика светот од денеска „да се спротивстави на војната“.

„Зборувајте, демонстрирајте од вашите канцеларии, вашите домови, вашите училишта и вашите универзитети, демонстрирајте во име на мирот“, рече претседателот Зеленски.

Во своето обраќање до луѓето ширум светот, претседателот на Украина се осврна и на самитите на НАТО, ЕУ и Г7 што ќе се одржат во Брисел во четврток и петок.

Зеленски ги повика учесниците на овие средби, односно лидерите на западните земји да преземат значајни чекори и додаде дека ќе разговараат за да откријат „кој е пријател, кој е партнер, а кој не предаде за пари“.

-Политичарите мора да ја поддржат слободата. Мора да ја поддржат и борбата за живот. Очекуваме значајни чекори од НАТО, ЕУ и Г7. Знаеме дека Русите веќе почнаа да лобираат за нивните интереси, а тоа се интересите на војната. Знаеме и дека работат на тоа да извадат некои од нивните партнери од масата. Но, пред тоа, мора да ставиме крај на војната.

На овие три самити ќе бидат изнесени нашите цврсти ставови и ќе го видиме следното: кој е пријател, кој е партнер и кој не изневери за пари, рече Зеленски.

Украинскиот претседател повтори дека украинското небо се уште не е безбедно од руски ракети и бомби и повика на поголема воена помош за Украина.

– Се уште не сме добиле авиони и современи противвоздушни системи. Не добивме тенкови или противбродски проектили. Руските сили сè уште можат да убијат илјадници наши граѓани, да ги уништат нашите градови. Само затоа што има толку многу агресори, само затоа што Русија се подготвува за таква војна со децении, рече Зеленски, додавајќи:

– Побаравме да го затворите нашето небо за летови. Побаравме ефикасна помош од НАТО, без ограничувања. Побаравме каква било помош со оружјето што ни требаше. „Побаравме од НАТО да и помогне на Украина да победи во оваа војна, да ги ослободи нашите територии од окупаторите и да го врати мирот во Украина“, рече Зеленски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.