ЗНМ, ОЈО и МВР – Зајакнување на заедничките напори кон постигнување на поголема безбедност на новинарите и медиумските работници
Во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска се одржа заеднички настан со претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) на тема: ,,За поголема безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници и спротивставување на заканите за слободата на медиумите”.
Во пресрет на парламентарните и претседателските избори, за кога се очекувани голем број на митинзи, јавни дебати, можностите новинарите да бидат изложени на зголемен ризик на работното место се реални. Со цел превенирање на несакани ситуации и ризици за медиумските работници, пред се оние при работа на терен, но одржување вакви настани е од голема важност за испраќање на јасна порака дека напад на новинар е кривично дело за кое законот предвидува сериозни казни.
Денешниот настан го отвори претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, а говорници беа Дејан Петревски, јавен обвинител во ОЈО Скопје и контакт лице за координација во случаи каде што има повреда на права на новинари, Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност, Ера Ѓакова, новинарка од АЛСАТ, како и Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, а модератор на настанот беше новинарката Елена Ивановска Мукоска.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните укажа на соработка со релевантните институции во поглед на безбедноста на новинарите и медиумските работници во државава.
,,Сакаме да укажеме на новите одредби од Кривичниот закон кои се во насока на подобрување на заштита на новинарите, на предметите за кои до сега е постапувано и за кои има правосилни пресуди, но и препораки за поголема безбедност и заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слобода на медиумите како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор на медиумските работници, посебно во време на изборна кампања. Токму во овој предизборен период ризикот од вршење на новинарската работа ќе се зголеми. Заштитата на слободата на медиумите и заштитата на новинарите не е само прашање на етика или професионална одговорност – тоа е прашање на зачувување на правото на информирање на граѓаните. Да не заборавиме на проблемот со неказнивоста на напаѓачите на новинарите, тоа не е проблем само на новинарската фела. Наша должност е да инсистираме на правда, токму затоа ќе продолжиме да бараме системски промени реформи кои што ќе ја подобрат безбедноста” посочи Чадиковски.
За важноста на законските измени од Кривичниот законик и нивната имплементација свое обраќање имаше и јавниот обвинител во ОЈО Скопје Дејан Петревски кој пред присутните го сподели своето задоволство од досегашната заедничка соработка со ЗНМ и МВР.
,,Она што е најважно за нас како обвинителство е кривично правната заштита кон новинарите да се подигне на повисоко ниво. Перцепцијата со безбедноста на новинарите е сменета и фактичката состојба е далеку подобрена споредбено со минатите десетина години. Резултат за тоа се и измените во кривичниот закон кои се одлични во поглед на заштитата на новинарите и медиумските работници во државава. Во контекст на нашата пракса физичкиот напад може да се смета за кривично дело кога постои напад или употребена сила кон новинар или медиумски работник односно како службено лице, но и доказ дека лицето новинар преземал службено дејствие согласно своите професионални службени овластување. Оттука, сакам да упатам апел дека ОЈО секогаш стои на располагање кога во иднина ќе се случи повреда на правата на новинарите или медиумските работници.”. истакна Петревски.
За улогата на МВР во превенирањето на нападите и заштитата на безбедноста на новинарите и медиумските работници свое обраќање на настанот Тони Ангеловски кој во своето обраќање потенцираше дека нема и нема ниту да има никаква толеранција за нападите кон новинарите и медиумските работници.
,,РС Македонија е најбезбедна земја за новинарите изминативе неколку години споредбено со земјите од регионот. Ова е резултат на посветената заедничка работа со сите засегнати страни. Важно е овој период да се искористи и да се упати апел дека треба да се подготвиме за претстојните избори. Никој нема да остане неказнет ако нападне новинар. Тука сакам да направам споредба со последниот случај со колегата Фуркан Салиу дека со брза и координирана комуникација можеме веднаш да постапиме. МВР и ЗНМ подолг период заеднички соработуваат и како резултат на тоа имаме заеднички направено протоколи за пријавување на напади онлајн и прирачници за безбедноста на новинарите. Веќе имаме воспоставено лица како контакт точки за комуникација со новинарите и најважно од се е секој напад мора да се пријави и да се реагира и расчистат брзо” рече Ангеловски.
Новинарката Ера Ѓакова која беше предмет на физички напад во 2023 и како позитивна пракса и од страна на МВР и ОЈО го сподели своето искуство за својот случај за кој веќе има осудителна судска пресуда за напаѓачот.
,,Сега го враќам сеќавањето од 21.08.2023 денот кога бевме нападнати како екипа на АЛСАТ во старата чаршија, важно е дека ние вршевме професионална новинарска работа без да загрозиме ничија безбедност и бевме нападнати од страна на непознато лице кое се најде на исто место со нас. Интересно е што новите измени на КЗ јас ги искусив на мој грб. Веднаш случајот го пријавив во МВР и покрај убедувањата од страна на граѓаните дека нема потреба да се пријави ваков напад бидејќи институциите нема да постапат. Но за волја на вистината јас со мојата колешка Сара Хоџа и покрај тоа што телефонски добивавме притисоци и закани да не одвратат од понатамошната постапка и да не обесхрабрат, ние продолживме и бевме упорни правдата за нас како професионалци да излезе до крај. Тука сакам да го споделам моето задоволство дека на мое изненадување дека случајот го доведовме до крај за кој добивме осудителна пресуда од една година условна затворска казна за напаѓачот во многу брзо време. Пораката која што сакам да ја пратам од овој настан е дека секој напад или закана мора да се пријави“, сподели Ѓакова.
За состојбата со безбедноста на новинарите во земјава во онлајн просторот но и во контекст на новите трендови поврзани со оваа тема свое обраќање имаше извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски кој рече:
„Изминатиов период може да се забележи позитивен тренд во насока на предметите каде имаме физички напади кон колеги новинари, од вкупно регистрирани пет во изминатава година имаме две осудителни судски пресуди за напаѓачите. Органите на прогонот сеуште покажуваат недостатоци во поглед на капацитетите за постапување во контекст на онлајн нападите и заканите, иако во текот на изминатите дцва месеца имаме поднесено пет претставки до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Оттука, да ја потврдиме нашата посветеност за заштита на безбедноста и слободата на новинарите, не само за време на изборите, туку и во секојдневието. Заедно, да се стремиме да изградиме општество каде што новинарството и медиумите можат да напредуваат, неограничени од закани, напади или заплашувања. Сега кога и новинарите се службени лица според законот, треба да знаеме дека одговорноста лежи врз нас да ја чуваме и заштитиме слободата на изразување и информирање и уште повеќе да го штитиме јавниот интерес“, истакна Секуловски.
Целта на денешниот настан беше повторно да се укаже на новите одредби од Кривичниот закон кои се во насока на подобрување на заштита на новинарите, на предметите за кои до сега е постапувано и за кои има правосилни пресуди но и препораки за поголема безбедност и заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слобода на медиумите како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор на медиумските работници, посебно во време на изборна кампања.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) за новинарите се шлаканица за граѓаните и јавниот интерес “ поддржан од УНЕСКО и на регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од страна на холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија.
Дума.мк