Дали бебињата и малите деца треба да носат очила за сонце?
Иако секој треба да ги заштити очите од штетните сончеви зраци, ова е особено важно за бебињата и малите деца, бидејќи нивните очи се многу почувствителни, како и нежната кожа околу очите, велат експертите. Очилата за сонце ги штитат очите на детето и можат да играат важна улога во развојот на доживотните здрави навики кога станува збор за сонцето.
Бебињата и децата на возраст под 10 години имаат многу чувствителни очи. Бидејќи нивните очи сè уште е развиваат, леќата во нивното око не може да ги филтрира ултравиолетовите зраци како очите на возрасните.
Тоа значи дека поголемите количини сини и штетни ултравиолетови зраци можат да влезат во нивните очи, што може да ги направи бебињата поподложни на оштетување на мрежницата и да создаде други проблеми со видот.
Дури и кратките периоди на сонце може да предизвикаат оштетување, што може да резултира со различни очни болести како што стареете, вклучувајќи макуларна дегенерација, потемнување на бојата, катаракта или дури и ретка форма на рак на очите. Оштетувањето од сонцето може да предизвика и рак на кожата.
Покрај тоа, очните капаци и кожата околу очите на бебето се многу нежни. Дури и ако бебето ги затвори очите за да ги заштити од сонцето, тенките очни капаци може да се оштетат. И бидејќи кожата е толку тенка, дел од сончевата светлина сè уште може да стигне до мрежницата.
Кога децата треба да почнат да носат очила за сонце?
Според Американската академија за педијатрија, доенчињата под шест месеци не треба воопшто да се изложуваат на сонце. За да ги заштитите, можете да го користите заштитниот дел од количките за прошетка, чадор или еднставно да избегнувате директна изложеност на сонце особено во летните периоди.
На возраст од шест месеци за бебињата е веќе многу побезбедно да се изложуваат на сонце, но сепак е многу важно да ги заштитите од штетните сончеви зраци.
Експертите од Американската академија за офталмологија сугерираат дека најдобар начин да го заштитите вашето бебе од сонце е да користите капа, крема за сончање и очила за сонце.
Она што е важно е родителите и старателите да изберат очила за сонце со ефикасна УВ заштита. Погрижете се очилата за сонце на вашето бебе да блокираат 100 проценти од UVA (долгите) и UVB (кратките) зраци.
Исто така, изберете модел кој одговара правилно на вашето дете и кој може да се витка без да се скрши. Зa помош при изборот на очила за сонце за вашето дете, секогаш можете да се обратите кај педијатриски офталмолог кој ќе ви помогне да го направите најдобриот избор за вашето дете. Тој ќе ви каже кои очила за сонце правилно ќе ги заштитат нежните очи и кожа на вашето бебе и ќе одговараат на неговото мало лице.