Мурал со шлаканицата на Вил Смит во Берлин
Доминиканскиот уметник Хесус Круз Артилс објави неколку фотографии од својот последен мурал на кој го наслика моментот кога Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок за време на годинашното доделување на Оскарите. Како што извести самиот уметник, ова дело е насликано во Берлин, Германија.
-Извинете, не можев да одолеам. Како ви е вам во реалниот живот?“, стои во описот на фотографиите кои ги објави уметникот.
Имено, муралот е насликан во форма на „мем“ што ги прикажува очекувањата наспроти реалноста, при што Рок го претставува „фантастичниот живот на социјалните мрежи“, а Смит го претставува „вистинскиот живот“.
Како потсетување, Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок за време на доделувањето на филмските награди Оскар, откако комичарот се пошегува на сметка на сопругата на Смит.
За време на својот говор, Рок се пошегува на сметка на Џејда Смит поради нејзината избричена глава, нешто што не му се допадна на Смит бидејќи неговата сопруга веќе некое време се бори со болест поради која на делови од главата останува без коса. Подоцна, Вил Смит во објава на социјалните мрежи напиша дека неговото однесување на свеченоста било „неприфатливо и непростиво“ и јавно му се извини на Крис Рок.