Средношколци се вратија со награда од светски натпревар: Робот кој се прави со месеци, го направија за 8 дена

Од 13 до 16 октомври во Женева се одржа шестото издание на светскиот натпревар по роботика за средношколци „FIRST Global Challenge“. Годинашната тема на натпреварот беше решавање на проблемот со зголеменото ниво на јаглерод диоксид во атмосферата со помош на STEM.
Годинава Македонија вторпат патува за FIRST, имаше можност да учествува во натпреварот и постигна многу добар резултат, а нашите учесници си доаѓаат дома со бронза, добиена во финалните игри со алијансите. Робот кој се прави со месеци, овие деца го направија за осум дена.

Македонскиот тим го сочинуваат пет средношколц: Виктор Ванчов, Јаков Спировски, Горијан Стаматовски, Горазд Петковски и Горјан Анѓушев, предводени од два ментори: Алма Кецап – официјален претставник на FIRST во Македонија и Ален Куљеван – технички ментор. Да се биде трето место од 180 држави во светот е голем успех за државата, и поттик за идните млади генерации за интерес околу роботиката и STEM едукацијата.

„Првиот пат кога учествувавме на натпреварот, во 2019 година во Дубаи, го освоивме второто место на Балканот, а на глобално ниво се рангиравме на 65. место.

Сега втор пат имавме можност да патуваме за FIRST Global, немавме никакви спонзори, сами и за осум дена успеавме да го направиме роботот и заедно со алијансите да се рангираме како трети во светот“, ни изјавија младите талентирани средношколци.
