Тотален хаос на интернет, пад на социјалните мрежи, проблеми со Гугл, илјадници луѓе без конекција
Паднаа социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, услугите за пораки Месинџер и Ватсап, илјадници корисници пријавија проблеми со Гугл, Амазон, Тик-ток, Зум, Твитер, Снепчет, Редит и други апликации, додека без Интернет останаа десетици илјади корисници на големите компании како што се Веризон, Т-Мобиле и AT&T.
Прво, паднаа социјалните мрежи и услугите за пораки во сопственост на Фејсбук, истоимената мрежа, Инстаграм, Ватсап и Фејсбук Месинџер.
После тоа, голем број корисници пријавија проблеми со пребарувачот Гугл, но и со други социјални мрежи, како што се Твитер и Тик-ток, објави сајтот „Даундетектор“, кој открива проблеми во работата на интернет провајдерите.
Пријавени се и голем број проблеми со Амазон, Снепчет, Редит, Зум, Клаудфлер, Коинбејс и други познати интернет провајдери.
Мултинационалните даватели на Интернет услуги како Т-Мобиле, Веризон и АТ & Т се исто така на удар.
Според странските медиуми, десетици илјади корисници на овие провајдери ширум светот останале без интернет конекција.
Корисниците објавија дека нивните телефони се поврзуваат на Интернет преку Wi-Fi, но не можат преку мобилни податоци.
Најголем број извештаи за проблеми со поврзување на Интернет има во големите американски градови, како што се Њујорк, Лос Анџелес и Далас.