Gucci се врати на модната недела во Милано
Gucci триумфално се врати на модната недела во Милано со дефиле, кое ја откри новата соработка со Adidad, со учество на многу ѕвезди. Бремената пејачка Ријана и нејзиниот партнер раперот АСАП Роки, актерот Џаред Лето, тенисерката Серена Вилијамс беа меѓу познатите личности кои прошетаа на модната писта.
Модната ревија беше прва за брендот на италијанската манифестација, претставувајќи ги новите трендови во облеката во последниве две години. Брендот претпочиташе дигитални презентации, но во ноември покажа колекција надвор од календарот во Лос Анџелес.
На модната писта, опкружени со огледала, манекенките претставија серија одела со панталони – широки, тесни, со дупчиња или зашилени раменици. Некои блејзери беа со еден ракав. Имаше референци за диско-модата од 80-тите години на минатиот век со сјајни костуми или комбинезони.
Креативниот директор Алесандро Микеле ја нарече колекцијата „софистицирана“.
„Ја користам метафората на магичното огледало како пристап кон имагинарното влијание на модата. И таму работам, на оваа тактилна површина, преку референци, промени…, напиша тој во белешките за шоуто.
„Со контрастни светови и значења. Со менување на стабилноста на перцепцијата, оддавам почит на облеката како вистински оптички лаборатории – магични машини кои можат да создадат приказни за метаморфоза и маѓепсување“.
Модната недела во Милано трае до 28 февруари.