Од следниот месец видео играта „The Sims 4“ ќе можете да ја играте бесплатно

Компанијата за видео игри „Electronic Arts“ неодамна објави одлична вест за сите фанови на легендарната видео игра „Sims“.
Играта „Sims 4“ ќе биде бесплатна за преземање од 18 октомври на голем број уреди, од „PC“ и „Mac“ до „PlayStation“ како и на „Xbox“.
„Им посакавме добредојде на милиони играчи на „Sims“ и љубопитно гледавме како им работи нивната имагинација, откривајќи и поврзувајќи се преку идеи, искуства и верзии на нив самите, во реалноста и во играта“, се вели во нивната објава.
Тие напишаа дека потегот е „израз на благодарност до верните фанови“, а на „Twitter“ порачаа дека се радуваат што сега ќе се приклучат уште повеќе играчи, приказни и „начини да се создаде хаос“.
Наскоро ќе излезе ново продолжение?
Луѓето на социјалните мрежи се воодушевени од оваа вест. Еден корисник коментираше дека не очекувал „толку добри вести“, додека друг додаде дека тоа е знак „да почне сериозно да игра Симс“.
„LADbible“ пишува дека некои фанови шпекулираат дека овој потег би можел да значи дека „The Sims 5“ е на повидок, иако точниот датум на лансирање сè уште не е познат. Гејмерската заедница шпекулираше дека новото продолежние ќе биде мултиплеер, а Лаура Миеле од „Electronic Arts“ во едно интервју изјави дека сакаат да се фокусираат на „социјалната компонента на играта“.
„Во последните 20 години научивме многу за тоа како играчите влегуваат во интеракции, што ги мотивира, како соработуваат. Затоа ни е многу важно во новата генерација на „Sims“ да ги имаме најдобрите алатки со кои играчите ќе можат да ја прошират својата креативност“, истакна таа.
