Рецепт за велигденски венец
Велигденскиот венец со суво грозје е традиционален во повеќе земји за оваа пригода, се разбира и во Македонија, и ако до сега не сте го подготвиле, пробајте го нашиот проверен рецепт. Велешани на сличен начин го подготвуваат велигденскиот пармак со кој ги посетуваат кумовите.
За велигденскиот венец потребни намирници се: 500 грама брашно, 1 свеж квасец, 250 милилитри млако млеко, 100 грама шеќер, 1 лимон, 80 грама суво грозје, 1 ванилин шеќер, малку сол, 2 јајца, 100 грама путер.
За украсување ние ви предлагаме ( а украсувањето може да биде и по ваша желба) – 2 жолчки, 40 грама бадеми, велигденски јајца.
Подготовка
Ставете го брашното во подлабок сад и во средината направете длабнатина. Во длабнатината ставете ги нараснатиот квасец и една лажица шеќер. Замесете го тестото и оставете го да стасува 15 минути. Размесете го тестото и додадете ги преостанатиот шеќер, ванилиниот шеќер, изренданата лимонова кора, јајцата, путерот и преостанатото млеко. Оставете го да стасува уште 15-тина минути, па додадете го сувото грозје свалкано во брашно.
Поделете го тестото на три еднакви дела и формирајте ленти со должина од 50 сантиметри. Од лентите направете плетенка и свиткајте ја во венец со пречник од 35 сантиметри. Венецот ставете го во немрснета тава обложена со хартија и оставете го да стасува 30-тина минути. Премачкајте го венецот со изматени жолчки и наросете го со исечкани бадеми (рендана чоколада, суво грозје, или по желба).
Печете 30-тина минути на температура од 170 степени.
Изладениот венец ставете го на елеагантна чинија, а во средината ставете неколку велигденски јајца.