Во Милано шетаа мажи во долна облека!

Објавено на 16 јануари, 2013 во 16:14

На модната недела за машка мода во Милано можеше да се види во што ќе „шетаат“ мажите наредната есен и зима. Најкратко речено  – во она во што се чувствуваат најдобро.

Дали поради економската криза или поради борбата против глобализацијата, која е општ тренд,  не може да се каже дека еден или неколку стилови ќе доминираат наредната есен и зима.

По она што можеше да се види на Неделата на машка мода во Милано, која само што заврши, водечките светски модни дизајнери преставија модели кои само во неколку детали се разликуваа.

Мажите наредната есен и зима ќе носат панталони со кратки ногавици но и ѕвонарки. Кошулите и понатаму се припиени на телото како и палтата.

Костумите се со различно закопчување: на едно копче, на две, дури и со патенти но, скоро сите се тесно кроени.

Кои бои преовладуваа?  Тешко е да се каже. Темно зелена и беж но и црна и чоколадна, сива, сина, бела, бордо до боја на темјанушка.  
Дезени на видно дизајнирани модели покажа модната куќа Версаче. А кој друг би можел? И Вивиен Вествуд предлага шарени модели или барем спојување парчиња гардероба од различни бои.

Истото важи и за материјалите, имаше се. Капути од волна, кожа и крзно, како и јакните. А костуми и палта од твид, плиш, сатен но и од темен џинс.

Вратоврските немаа  дебел јазол туку обичен и воглавно беа со линии или еднобојни. Гучи ги врати стандардно црните лептир машни.

И за крај, од она од што се почнува при облекувањето, долниот веш! Тој беше во бела боја, припиен за телото и со подолги ногавици. Версаче престави долен веш од чипка.

Значи за секого по нешто.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.