Како Ковид – 19 влијае врз работата на дигестивните органи?
06.04.2021
Луѓето заразени со коронавирус различно реагираат на оваа болест. Некои пациенти се борат со низа симптоми на коронавирус, некои имаат лесна клиничка слика, на некои им е потребна медицинска помош, а некои немаат никакви симптоми.
Најчестите симптоми на COVID-19 се висока температура, замор и сува кашлица. Според Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC), 83% до 99% од луѓето развиваат висока температура, 59% до 82% кашлица и 44% до 70% чувствуваат замор. Некои симптоми на коронавирус се слични на симптомите на грип и вклучуваат висока температура, отежнато дишење, главоболка, болки во грлото и болки во мускулите.
Некои пациенти развиваат гастроинтестинални симптоми како што се дијареја, губење на апетит или повраќање, дури и ако немаат други симптоми слични на грип.
Неодамнешна студија спроведена од експерти на Универзитетот Стенфорд откри дека третина од пациентите кои имаат лесни симптоми на COVID-19 имаат симптоми кои влијаат на дигестивниот систем. Друга студија спроведена од истражувачи од Пекинг покажа дека од 3% до 79% од заразените луѓе можат да развијат гастроинтестинални проблеми.
Дијареа
Дијареа често се јавува кај луѓе кои се заразени со коронавирус. Една студија објавена во American Journal of Gastroenterology испитала 206 пациенти кои имале лесна форма на COVID-19. Се покажа дека 48 пациенти имале само дигестивни симптоми, а 69 пациенти имале и дигестивни и респираторни симптоми.
Од вкупно 117 лица со гастричен дистрес, 19,4% имале дијареја како прв симптом на коронавирус.
Повраќање
Студијата спроведена од експерти од Пекинг покажа дека повраќањето е симптом на COVID-19, што се јавува почесто кај деца отколку кај возрасни. Истражувачите откриле дека помеѓу 4% и 16% од возрасните повраќале по инфекцијата, а повраќањето е симптом на ковид кај 7% до 67% од децата.
Губење на апетит
Многу луѓе кои се инфицираат со коронавирус го губат апетитот и исто така се борат со други гастроинтестинални симптоми. Споменатата студија од Пекинг покажа дека 40% до 50% од пациентите доживеале губење на апетитот.
Покрај овие дигестивни симптоми, некои пациенти пријавиле гадење, абдоминална болка и крварење од гастроинтестиналниот тракт, пренесува Healthline. Кај некои пациенти, дијарејата може да биде првиот знак на инфекција. Во некои случаи, симптоми слични на грип може да се појават по дијарејата. Од друга страна, кај некои пациенти може да се појават само гастроинтестинални симптоми.
Мите Јаначков
