Неготинска депонија: Градоначалникот Делков го објави решението дека нема да се гради но „Ековита“ бара референдум
Градоначалникот на Неготино Тони Делков вчера доцна попладне го објави решението за поништување на постапка за изградна на депонија.
Решението е донесено на 30 декември минатата година, врз основа на член 58 од Законот за градежно земјиште и мислењето да Државното правобранителство, од страна на Комисија за спроведување на постапките за електронско јавно наддавање.
Со решението се запира постапката за електронско јавно наддавање за градежно неизградено земјиште, поради негативно мислење на Правобранителството.
На градежното земјиште беше најавена изградба на депонија за инертен индустриски неопасен отпад, а Здружението на граѓани „Ековита” покрена постапка за референдум против изградба на депонија, поради страв за последици по здравјето на луѓето и по животната средина.
Во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.
Од Ековита ги повикуваат жителите на Неготино и понатаму да се потпишуваат за оддржување на референдум./У.Ј