Одбојкарите ветерани на „Борец“ се подготвени за уште еден пехар, овој пат на Меѓународниот турнир во Суботица (видео и фото)
Објавено: 20 ноември, 2026, во 12:34 часот
Дел имаат и по 70 години а останатите се помлади поточно имаат над 40 години и сеуште се на одбојкарскиот терен во спортските сали во Велес. Ветераните на Одбојкарски клуб „Борец“, од најдобрите генерации, во 80-тите години на минатиот век се натпреваруваат и редат успеси како во поранешната прва југословенска лига сега со учество на ветерански турнири како дома, во Македонија така и зад одбојкарските мрежи во екс ЈУ државите.
Душан Анѓушев, Сашко Миланов, Ѓоре Арсов, Ристе Трајковски, Марјан Габеров, Златко и Зоран Жабеви, Ѓоре Зафиров, Тодор Коцев, Александар Гулевски, Зоран Јовановски, Даниел Наумоски, Зоран Игнов, и Благој Гинов заедно со Љубе Гинов и Љубчо Настов во стручниот штаб досега ги освоија три пати по ред титулата Шампиони на Македонија како и три трети, две втори и едно прво на седумте Меѓународни турнири во Крањска Гора, на Раб, во Соко Бања, во Краљево и во Велико Градиште.
Резултатите се должат на два задолжителни тренинзи, секој понеделник и четврток, како и на сочуваните другарства и пријателства, вели ветеранот Душан Анѓушев.
-Тоа се играчи кои ветеранскиот дрес го облекоа повторно откако ги бранеа боите на ОК „Борец“ во времето кога се натпреваруваше во Прва југословенска лига. Кога игравме со душа за својот роден град. Сега имаме и помлади но, старосната граница е 40 +. Учествувавме на седум меѓународни турнири, во Крањска Гора, Раб, два пати во Соко Бања, Краљево и во Велико Градиште. До сега имаме освоено три трети места, две втори , едно прво и секако три пати Шампионската титула на Македонија. На 12 декември одиме во Суботица, додаде Анѓушев.
Освен што во Велес постојано се враќаат со пехари и освоени едно од првите три места овие Меѓународни турнири за нив се повод да се сретнат и видат со стари спортски пријатели. Тоа се секако поранешни одбојкари со кои во најдобрите времиња на оваа спортска дисциплина играа во преполната сала на поранешното ОУ „Благој Ќирков“ пред велешката публика. И победуваа како и сега па за тоа поминато време се споделуваат спомени и искуства.

-Ни значат средбите и тоа што го слушнавме од Баланжиќ од поранешен ОК „Партизан“ од Белград или Луќич, па со Трифуновиќ во Велико Градиште или со Митиќ на Раб за натпреварите во Велес. Нивните сеќавања за велешката публика за која исто така имаат високо мислење, па за тоа што запомнале од натпреварите, од престојот по натпреварот во нашиот град, или ние во нивниот итн. На ветеранските натпревари сме противници и се бодриме со пораката „Нека победи подобриот“ а потоа го продолжуваме пријателството и имаме време за долги разговори, додаде Анѓушев.
Тој додаде дека се подготвени за ветеранскиот турнир на 12 декември, во Суботица и мотивирани да дадат се од себе, како во старите добри времиња, за повторно да се слушне името на ОК „Борец“ ветерани и на Велес на овој последен Меѓународен турнир за годинава.
Убавка Јаневска


