Младите штипјани рано почнуваат со сексуални односи а не се доволно информирани
14 отсто од штипските средношколци во прва година, се сексуално активни, но немаат знаење за превентивните мерки. Не знаат како се третираат сексуалните болести, ниту пак како се пренесуваат. Ова го покажаа тестовите, кои беа дел од проектот на Општината Штип за подигање на свеста за сексуално преносливи болести, во соработка со Центарот за јавно здравје од Штип.
Средношколците единствено знаат за сидата, но веројатно, ова се должи на честите кампањи што се водат за оваа област. Лекарите од Центарот за јавно здравје велат дека неинформираноста за сексуално преносливите болести, може да биде голем проблем.
„Многу млади луѓе се соочуваат со последиците од ненавремено дијагностицирани и нелекувани сексуално преносливи болести како што се стерилитетите и карциномите на грлото на матката, па затоа е многу важно младите уште пред стапување во сексуални односи да бидат информирани, да знаат пошироко да размислуваат како се пренесуваат, како се третираат но и како да се спречат“, рече д-р Викторија Јорданова од Центарот за јавно здравје од Штип.
Преку анонимни анкетни прашалници, со проектот беа опфатени сите средношколци од прва година, кои одговараа на прашања за нивната сексуална активност. Бројката за разлика од лани кога сексуално активни беа скоро 17 отсто од средношколците во прва година, годинава е намалена за повеќе од два отсто.
Резултатите од првичните анкетни прашалници, според д-р Јорданова се поразителни.
„За жал, резултатите се многу слаби. Единствено позната за нив беше сидата, но ништо поконкретно во насока на превентивни мерки, начините на пренос како и на третманот. Другите заболувања скоро и да не ги познаваа“, вели д-р Јорданова.
По спроведените едукации, бил спроведен и пост тест, каде утврдиле дека учениците подобро размислуваат, знаат повеќе превентивни мерки, повеќе начини на превенција, знаат како рано се препознаваат симптомите и како да се третираат, а и се запознати со повеќе сексуално преносливи болести.
Извор: Канал 77