Отворена оперативна акција „Пожар 2024“: Целосна мобилизација на МВР во спречување и справување со пожарите
Целосно мобилизирање на сите расположливи човечки и технички ресурси на Министерството за внатрешни работи под оперативна акција „Пожар 2024“ е одлучено на одржаниот координативен состанок на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и началниците на секторите за внатрешни работи и други организациски единици во МВР.
Состанокот беше одржан во насока на согледување на целокупната состојба со пожарите што ја зафатија нашата држава, активностите што ги презема МВР заедно со другите институции за нивно гасење и активностите за превенција од настанување на нови пожари.
-Со оваа оперативна акција сите материјално-технички средства со кои располага МВР, ќе бидат ставени во функција на справување со пожарите. Секторите за внатрешни работи како регионални единици на МВР ќе бидат постојано на терен со зголемено присуство и тесно ќе соработуваат со останатите сектори како Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, Одделот за гранични работи и миграција, Крим полицијата и други оддели при Бирото за јавна безбедност. Присуството на полицијата на терен ќе биде зголемено. Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, наведуваат од МВР.
Воедно, се апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа, а доколку забележат какво било сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112.
-Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми, порачуваат од МВР.
Дума.мк