Кајакарите на ККК „Арка-Борец“ од Велес блеснаа на изборните натпревари во Охрид

Охрид, градот на водата, беше домаќин на два клучни изборни натпревари во кајак спринт на мирна вода, каде кајакарите од Кајак Кану Клуб „Арка-Борец“ повторно ја покажаа својата сила и посветеност.
На првиот изборен натпревар постигнати се исклучителни резултати. На 500 метри за сениори, Љубомир Спасиќ не остави ништо на случајност и го освои првото место со извонредна брзина и техника. Александар Златаров го освои третото место, додека Кристијан Лазаров се пласираше на петото место. Во конкуренција на јуниорите, Благој Гугинов продолжи да воодушевува, освојувајќи злато на 500 метри.
Во дисциплината 200 метри сениори, Александар Златаров се пласираше на трето место, додека Љубомир Спасиќ и Кристијан Лазаров се најдоа на петото и шесто место покажувајќи го сопствениот борбен дух. Кај јуниорите на 200 метри, Благој Гугинов го освои среброто.
Исто така, викендов, на вториот изборен натпревар во Охрид, Љубомир Спасиќ повторно се искачи на врвот, освојувајќи го првото место на 500 метри, додека Александар Златаров и Кристијан Лазаров беа на четвртото и седмото место. Кај јуниорите, Благој Гугинов повторно блесна, освојувајќи злато на 500 и на 200 метри, докажувајќи дека е вистински шампион.
На 200 метри за сениори, Александар Златаров заврши на четвртото, Љубомир Спасиќ на шесто, а Кристијан Лазаров на седмо место.
„Горди сме на секој еден од нашите натпреварувачи. Овие резултати ја покажуваат нивната упорност и посветеност. Продолжуваме со подготовките и со поголема мотивација ќе се обидеме да постигнеме нови успеси на следните натпревари,“ рекоа за Дума.мк денеска од ККК „Арка Борец“.
Кајакарите на овој велешки клуб се категорични дека на крајот, не е важно само да победуваш, туку да покажеш вистинска кајакарска страст, за што ќе додадеме дека нашите велешки момчиња тоа навистина секогаш го прават.
Убавка Јаневска
